Првиот човек на синдикатот на корејската автомобилска компанија Hyundai, Ха Бу-јоунг предупреди дека воведувањето на електрични автомобили ќе доведе до драстично намалување на бројот на вработени во компанијата.
– Електричните автомобили се катастрофа. Тие се зло. Многу сме загрижени, изјави Ха, според кого инвестирањето во нови погони за производство на електрични автомобили значи воведување и нови технологии за производство, што значи помалку работници. Ха изјави дека неговиот синдикат е во преговори со Hyundai за да се избегне натамошната автоматизација на производниот процес во огромниот погон на Hyundai во Улсан, и така да се зачуваат повеќе работни места.
Според синдикатот, понатамошното автоматизирање на производството може да значи губење на 70 проценти од работните места во Улсан и кастрење на голем дел од 50-те илјади синдикалци кои ги предводи Ха.
Јужнокорејската автомобилска индустрија веќе се соочи со удар откако американски General Motors најави затворање на една од своите четири фабрики до мај, како и преиспитување на иднината на преостанатите три фабрики.
Јужна Кореја има исклучително силни синдикати во автомобилската индустрија, и работниците во овие фабрики честопати примаат значително повисоки плати од платите во другите индустриски гранки.
Синдикатот се согласи да се скратат некои од привилегиите на работниците, како што е платениот еднонеделен одмор во Европа за 500 работници, но инсистираат платите да продолжат да растат, без притоа да има масовни кратења на работната сила, туку автоматизацијата да оди паралелно со процесот на пензионирање на работниците.