Во Македонија откривме голем број лажни профили што генерираат лажни вести, рече Марк Цукерберг, основачот на „Фејсбук“ во неговото прво интервју и појавување во јавноста откако деновиве изби скандалот со злоупотреба на повеќе од 50 милиони кориснички профили.

– Во 2017 година креиравме алатки со кои детектиравме лажни профили и акаунти што генерираат лажни вести. Голем број такви акаунти откривме во Македонија – рече Цукерберг во ексклузивното интервју за „Си-ен-ен“.

Македонија и Русија, се единствените земји што тој ги спомна како локации од кои доаѓале лажни вести, а биле поврзани со претседателските избори во САД, во 2016 година. Истакна дека токму тој случај бил повод за „Фејсбук“ да изработи алатки со кои се детектираат потенцијалните упаѓања со лажни вести и податоци.

Во интервјуто Цукерберг призна вина за случајот со злоупотребени 50 милиони кориснички профили, а во којшто е вмешана и компанијата „Кембриџ аналитика“.

Првиот човек на „Фејсбук“ истакна дека направиле превид што верувале дека „Кембриџ аналитика“ ги нема податоците од корисничките профили кај себе и дека нема истите да бидат употребени во водењето политички кампањи.

Цукерберг најави дека во следниот период ќе вршат скенирање на сите апликации што постојат во рамките на социјалната мрежа, а за кои постојат сомневања дека спротивно од правилата прибираат информации за лицата што ја користат таа социјална мрежа.

–  Тешко е да се знае што ќе откриеме. Но ќе скенираме илјадници апликации. Тоа требаше да го направиме порано. Не требаше да им веруваме само на сертификатот што ни го дадоа (со кој се тврдело дека податоците за корисниците се избришани). Тоа е наша одговорност кон заедницата – рече Цукерберг.

 

Цукерберг е согласен за законска регулатива за „Фејсбук“

Сепак, тоа што е исто така битно од целото интервју е што Цукерберг, одговарајќи на новинарското прашање, истакна дека е согласен да се воспостави законска регулација за „Фејсбук“.

– Не сум сигурен дека не би требало да бидеме регулирани. Технологијата се развива. Но, сепак прашањето е каква би требало да биде регулативата, наместо дали треба или не треба нешто да биде регулирано – вели Цукерберг.

Тој е категоричен дека строгите регулативи што постојат за рекламирањата на телевизија и во печатените медиуми, треба да ги има и на интернет.

– Тоа што би сакал да го видам е транспарентност во политиката на рекламирање. Ако погледнете колку регулативи има за рекламирањето на телевизија, во печатените медиуми, тогаш не е јасно зошто тоа да не важи и за интернет… Луѓето треба да знаат кој ги плаќа рекламите што тие ги гледаат на „Фејсбук“, како и на сите други страници каде доаѓа различна публика – вели Цукерберг.

Скандалот со злоупотреба на податоците од повеќе од 50 милиони кориснички профили изби деновиве, откако телевизијата „Канал 4 Њуз“ објави сведочење од поранешен вработен во „Кембриџ аналитика“. Свиркачот Кристофер Вајли откри дека податоците што ги добиле за корисниците на „Фејсбук“ биле искористени во правење стратегии за политички кампањи, меѓу кои и за претседателските избори во САД во 2016 година.

Видео: Македонија ја спомнува во 7:30 минута