На интернет се појави снимка од автомобилот со самостојно управување на компанијата Uber, кој во понеделникот усмрти жена во предградието на Феникс.

На снимката која ја објави полицијата се гледа како сигурносната операторка, 44-годишната Рафаела Васкез, седи зад воланот на автомобилот и во неколку наврати не обраќа внимание на патот, односно го спушта својот поглед.

На видеото исто така се гледа и како во еден момент, додека операторката гледа надолу, се појавува жена со велосипед, подоцна идентификувана како 49-годишната Елејн Херзберг. Притоа автомобилот воопшто не застанува, што подоцна било утврдено и во полициската истрага – возилото ја удрило жената со брзина од 65 километри на час. Херзберг по ударот била пренесена во болница, каде што подоцна починала.

“Снимката е вознемирувачка и тажна, а нашите мисли се со семејството на жртвата. Нашите автомобили сè уште не возат, а ние и понатаму им помагаме на локалните, сојузните и државните органи на секој можен начин”, објавија од “Убер”. Пред објавувањето на снимката, тие потврдиле дека Васкез била во автомобилот и дека во моментот на несреќата, возилото било во автономен режим на работа.

“Јасно е дека е тешко да се избегне судир во ваква ситуација, без оглед дали станува збор за човечки или автономен начин на возење. Жртвата на улицата се појавила од никаде. Опасно е да се преминува улица на неосветлен дел, кога во градот постојат јасно обележани пешачки премини”, рече шефот на полицијата на окургот, Силвија Моир.

Операторката е поранешна затвореничка

Американските медиуми откриле дека Васкез во 2000 година била осудена на казна затвор во траење од три години и десет месеци поради вооружен грабеж.

Нејзинoто досие било регистрирано под машката верзија на нејзиното име – Рафаел Васкез. Портпаролката на “Убер” изјавила дека операторите се подложни на проверка на податоците и дека Васкез ги исполнувала сите услови, како и тоа дека “Убер” му пружа шанса на секого.

“Сензорите треба да препознаваат лица на патот”

Иако деталите на технологијата на “Убер” сè уште се непознати, автономните возила за идентификација на објектите околу возилото користат комбинација од сензори, вклучувајќи и радар и “Лидар” – сензор кој се темели на светло и може да функционира и во темнина.

Брајан Вокер Смит, експерт за автономни возила, изјавил дека бил бесен по гледањето на снимката.

“Иако ова видео не ја прикажува целосната слика, тоа моќно сугерира на грешка во автономниот состав на “Убер” и недостиг на внимание од страна на возачот и жртвата”, истакнал Смит кој додал: “Сензорите во овој случај би требало да ја регистрираат велосипедистката. Камерите најверојатно биле бескорисни, но радарот и Лидарот би требале да ја воочат”.