Пред да отиде во вселената, американскиот астронаут Скот Кели имаше иста ДНК структура како неговиот брат близнак. Најновото истражување на НАСА покажа дека тоа се сменило по неговото враќање на Земјата.
Научниците на НАСА соопштија дека резултатите од експериментот покажале дека дури 7% од ДНК структурата на Кели претрпела „неочекувани промени“ по едногодишниот престој во Меѓународната вселенска станица, објави „Њујорк пост“.
Астронаутот Кели преку профилот на Twitter рече дека резултатите ги дознал од медиумите.
„Кој би рекол? Ова може да е добра вест! Веќе не морам да велам дека имам идентичен брат близнак“, се пошегува астронаутот.
НАСА тврди дека престојот од 340 дена во вселената најверојатно кај Кели ги активирал т.н. „вселенски гени“.
„Физичкиот стрес што го доживува телото за време на патувањето во вселената може да доведе до промена во процесот на создавање на ДНК и РНК. Тие процеси може да доведат до групирање на нови молекули, на пример во мастите или протеините, да доведат до распаѓање на клетките или ги активираат или „исклучуваат“ гените што води до промена во клеточните функции“, велат од НАСА.