Кина е позната по нејзиниот импресивен железнички систем и неверојатно брзи возови. Тамошните истражувачи неодамна потврдија дека во тек е изработка на супербрз маглев воз. Штом ќе биде завршен, се очекува возот да се движи со брзина до илјада километри на час.
Брзиот железнички систем во Кина е едно од најимпресивните достигнувања на цивилното инженерство во последните неколку децении. Патничките возови сообраќаат во 29 од вкупно 33 провинции во земјата. Возовите сообраќаат со брзина меѓу 250 и 350 километри на час.
Според професорот Денг Ѕеганг и неговиот тим од Југозападниот универзитет во Ченгду, демонстративен прототип е подготвен за тестирање. Тој истакна дека возот користи две уникатни технологии – Маглев и транспорт во цевки. Денг додава дека маглев го прави триењето на тркалата и пругата виртуелно непостојно, додека транспортот во цевка го отстранува воздушното триење. И ако некому му звучи познато транспортот во цевка, особено на оние што го следат Илон Маск, тоа е така затоа што е слична технологијата што би била применета кај хајперлуп-системот.
Користејќи идеи на Денг од минатото, тимот го намали притисокот на воздухот на 2,9 килопаскали и тоа е значително помалку од стандардниот атмосферски притисок од 101 килопаскал. Ако има успех, супервозот ќе достигне брзини споредливи со хајперлуп-технологијата на Илон Маск. Моментно, хајперлупот на Маск би достигнал максимална брзина од повеќе од 1.000 километри на час.
Сепак, технологијата не е добро прифатена од сите. Техничките проблеми и безбедносните околности не се целосно земени предвид, вели Суен Џанг, експерт за железници и професор на шангајскиот универзитет „Тунги“.
– Возот мора да може да запре кога и да е потребно. Тоа може да се постигне на отворено со користење воздушен отпор, но може ли да биде проблем во вакуум-цевка каде што нема отпор? Што ако цевката се скрши и влезе воздух во системот? Тоа може да биде проблем – вели Суен.
Во однос на технологијата маглев, јапонски воз сè уште го држи светскиот рекорд. Возот во 2016 година достигна брзина од 603 километри на час на експериментална лента. Сепак, Кина останува светски лидер во оперирање на најбрзиот комерцијален маглев.
Извор: Факултети.мк