Според најновите објави, „Фејсбук“ планира да воведе аудио и видеоповици на „Инстаграм“.

Моментално „Снепчет“ има една многу важна карактеристика што го издвојува од сè попопуларниот „Инстаграм“, а тоа е можноста за аудио и видеоповици. Според  техно-аналитичарите, апликацијата за „Инстаграм“ веќе содржи код за аудио и видеоповици кои упатуваат дека оваа социјална мрежа наскоро ќе овозможи и контакти преку телефон. Конкретно, неактивната опција се наоѓа во кодот на споменатата апликација за споделување фотографии, како и кај Дајректот на „Фејсбук“.

Вработените во „Тек кранч“, кои први ја објавија оваа вест, контактирале со службата за односи со јавноста во „Инстаграм“, но оттаму не сакале да коментираат на таа тема.

Со воведување на ваквата функција „Инстаграм“ дополнително би можел да го загрози „Снепчет“, откако успеа да му украде дел од корисничката база со копирањето и воведувањето на „Сторис“. Според најновите статистики, денес луѓето повеќе објавуваат на „Инстаграм“ отколку на изворниот „Снепчет“.

Кога можеме да ја очекуваме новата функција?

Преку препознавање на иконите и функциите во кодот на „Инстаграм“ може да се претпостави следниот чекор на „Фејсбук“, иако од досегашната практика може да се претчувствува и времето кога таа ќе стане достапна. „Гифи“ беше инсталиран во софтверскиот код само една недела пред таа функција да биде јавно објавена, што значи дека слична ситуација би можеле да очекуваме и околу повиците.

„Инстаграм“ со сите овие додатоци од ден на ден станува сè подобра алтернатива за „Снепчет“, кој можноста за аудио и видеоповици ја воведе уште во 2014 година. Всушност, навистина е интересно што и досега „Инстаграм“ не ги воведе овие можности.

Извор: Tportal.hr