Требаше да помине некое време додека сите корисници сфатија дека никој нема од Нигерија да им префрли милиони на нивната сметка, ниту пак дека добиле некаква огромна сума на лотарија на која што воопшто не учествувале…
Сега, измамниците на интернет смислуваат нови идеи, а еден од новите облици на измама е креирање на лажни профили на Фејсбук. Нов тренд е атрактивни девојки да флертуваат со мажи на најголемата социјална мрежа на светот, а откако ќе ги убедат дека се „реални“ (нешто што често и не е така тешко), тие се обидуваат да ја искористат нивната наивност за некаков вид на измама.
Една таква измама откриле безбедносните експерти на “Avast” – група на измамници креирале лажни профили на Фејсбук од атрактивни девојки кои што меѓусебно оставале пораки на профилите со цел да се добие впечаток дека тие не се лажни.
Откако ќе започнат да се допишуваат со „жртвата“, често се случува тие да побараат активација на камерата за видео-чет, или бараат интимни фотографии со кои што потоа ги уценуваат и бараат исплата на одреден паричен износ за истите да не бидат испратени до пријателите на „жртвата“.
Исто така, била забележана и пракса на барање од „жртвите“ да инсталираат одредени програми за допишување. Атрактивните девојки бараат од својата жртва да инсталираат апликација за „побезбедно и полесно допишување“, но жртвата наместо тоа, на својот телефон или компјутер ќе инсталира малвер со чија што помош измамниците ќе се обидат да украдат разни податоци – контакти, фотографии, пораки, информации од креднтни картички ако се достапни, геолокации и дури и снимање на разговори.
Овие податоци подоцна или се продаваат на дарк веб, или пак се користат за директна уцена и изнудување на пари од жртвата.
Ова е само еден од бројните примери на измами на социјалните мрежи, па безбедносните експерти секогаш предупредуваат корисниците да бидат максимално внимателни кога комуницираат со непознати, затоа што доволен е само еден клик за работите да тргнат наопаку.
Извор: Точка