Land Rover Explore пристигнува во април, ќе чини 649 евра

Land Rover Explore е смартфон кој го произведува британската компанија Bullitt, која исто така стои позади смартфоните Kodak Ektra и Cat S60.

Bullitt во минатото произведуваше мобилни телефони за компаниите Caterpillar, Kodak и JCB, а сега направи смартфон и за автомобилската компанија Land Rover.

Овој смартфон беше само најавен на саемот ISPO, кој се одржа неодамна, а целосно ќе биде претставен на јавноста на Mobile World Congress, кој се одржува во Барселона на крајот на овој месец.

Кога станува збор за изгледот на смартфонот, неговиот долен дел од маската е дизајниран така што потсетува на решетката на ладилникот на актуелните Land Rover модели, а тука се и вертикалните линии на задната страна, кои навистина даваат до знаење дека се работи за модел од компанијата Land Rover. Смартфонот го напојува батерија од 4.000 mAh за која од Bullitt тврдат дека може да издржи до два дена без полнење. Уредот има и 2,6 GHz decacore MTK Helio X27 процесор, 4 GB RAM и 64 GB внатрешна меморија.

Телефонот е достапен и во Adventure Pack верзија, која доаѓа со керамичка GPS антена од 25 милиметри. Антената е специјално направена за да ги зголеми шансите да добиете прием на тешко достапни места. Додатниот Adventure Pack е отпорен на вода и прашина, а може и да преживее пад од 1,8 метри.

Покрај овој, Land Rover Explore ќе биде достапен и во Bike Pack, кој ќе му овозможи на корисникот да го прицврсти телефонот на рачката од велосипедот, за побезбеден транспорт при возењето. Како последна верзија на телефонот се појавува Battery pack, кој доаѓа со дополнителна батерија од 4.370 mAh.

Продажбата на овој смартфон почнува во април, а цената на основниот модел ќе изнесува 649 евра, додека цената на додатните верзии и понатаму останува непозната.

Извор: Klix.ba