Доколку Европската Комисија одлучи да се укине летното и зимското сметање на времето логично би било таа да се примени и во државава, со оглед дека ЕУ е нашиот најголем надворешно трговски партнер и над 80 проценти од нашиот извоз е насочен на европскиот пазар, смета Стопанската комора на Македонија
„За да не постојат разлики во соработката со компаниите од тие пазари сметаме дека ваквото решение би било логично да се примени и кај нас.“, изјави Билјана Пеева Ѓуровска од Стопанската комора на Македонија.
Пеева Ѓуровска потсети дека законското решение што се применува кај нас од 1996 година за утврдување на зимското и летното сметање на времето е направено за поголеми заштеди на електрична енергија и повеќе користење на дневната светлина. Оценето е дека подобри резултати би дало првенствено во земјоделскиот сектор, но, како што посочи, има и други засегнати сектори од тоа решение.
„Доколку Унијата одлучи ваквото сметање на времето да се усогласи тогаш за очекување е дека би требало да се размислува во тој правец и кај нас со тоа што треба да се направат многу пошироки анализи и согледувања какви ефекти тоа би предизвикало во нашето стопанство.“, додаде Пеева Ѓуровска.
Крајната одлука за укинување на зимското и летното сметање на времето треба да ја донесе Европската комисија, на предлог на Европскиот Парламент. Се бара да се укине европската директива за промена на времето двапати годишно поради, според образложението, големиот број докази за негативното влијание врз човековиот биоритам, зголемување на сообраќајни несреќи и пад на продуктивноста на работното место.