Германскиот производител на спортски автомобили Порше објави вчера дека двојно ќе го зголеми вложувањето во електрификација на комплетната понуда до 2020 година, согласно реакциите на автомобилската групација Фолксваген на низата скандали со загадувањето на околината и новите предизвици од странство.
Од Порше денеска најавија дека во следните пет години, за развој на хибридни и електрични автомобили, ќе потрошат вкупно повеќе од шест милијарди евра. Од дополнителните три милијарди евра околу 500 милиони ќе бидат насочени во развој на главниот електричен модел на Порше, Мишн Е, кој треба да биде пуштен во продажба до крајот на 2019 година.
Околу една милијарда евра ќе бидат вложени за развој на електрични и хибридни верзии на постоечките модели. Неколку стотини милиони евра ќе се одвојат за проширување на погонот, а околу 700 милиони за градење мрежа на брзи полначи за електрични возила.
Компанијата сепак нема намера да им го заврти грбот на традиционалните мотори со внатрешно согорување.