Нашата планета Земја не е во облик на совршена сфера бидејќи нејзината форма се менува во зависност од силата на гравитацијата и густината на тлото на коешто стоите.

Геоидот, или обликот на земјата кој го прават океаните само под влијание на гравитацијата и ротацијата на Земјата, без ветерот и плимата, покажува дека големо “парче” од Земјата – со длабочина од стотина метри – буквално недостасува во Индискиот Океан, пишува “Independent”.

Веќе подолго време научниците се обидуваат да сфатат што е причината за ваквата појава, а некои стари теории говорат за тоа дека изладените густи океански тектонски плочи се имаат пробиено во Земјината кора, притоа создавајќи депресија.

“Овој проблем е една од најголемите мистерии поврзани со Земјата и нејзината формација. Она што е фантастично е тоа што постои некој реален дефицит на маса и материјали некаде длабоко во земјата, која ја предизвикува оваа, лаички кажано, дупка” – вели еден од авторите на најновата студија, професор Отри Гош од Индискиот институт за наука.

Истражувањето е објавено во научното списание “Geophysical Research Letters”, каде се тврди дека пропаѓањето на материјалот во Индискиот Океан е предизвикан од издигање на материите на подрачјето на Африка. Индискиот потконтинент го “турка” и издигнувањето на жешка магма на длабочина од 300 до 900 километри на подрачјето на Африка, додека истовремено отвора “дупка” јужно од Индија.

Аномалијата е објаснива, но научниците не знаат дали процесот е во фаза на природен крај или продлабочувањето ќе продолжи да расте. Исто така, тие истражуваат како тоа ќе влијае врз површината на Индискиот Океан, односно неговите струи и тектонските активности во тој дел на светот.