Најголемата социјална мрежа на светот оствари пораст на приходите, профитот и пораст на бројот на корисници – бројката на месечно активни корисници на Facebook изнесува 2,13 милијарди, а WhatsApp го користат 1,5 милијарди.
И покрај тоа што корисниците на Фејсбук минатата година значително го намалиле времето кое што го минуваат на оваа социјална мрежа (50 милиони часови дневно помалку), сепак инвеститорите можат да бидат задоволни од резултатите и прогнозите за иднината.
„Поврзувањето на корисниците ни е поважно од максимизирањето на времето кое што тие го минуваат на Facebook“, изјави Марк Цукерберг во врска со намаленото време на користење на најпопуларната и најголема социјална мрежа на светот.
Првиот човек на Facebook порача дека неговата социјална мрежа не сака да биде само забавна за користење, туку се надева дека ќе придонесе за општото добро на корисниците и општеството.
Во однос на истиот период една година претходно, Facebook оствари зголемување на приходите за речиси 50%, па приходите во текот на последните три месеци минатата година изнесувале 12,9 милијарди долари, додека во истиот период е остварен профит од 4,27 милијарди долари. Тоа во споредба со последниот квартал од 2016-та година е зголемување за 20%.
Што се однесува до бројот на активни месечни корисници, тој пораснал од 2,07 на 2,13 милијарди корисници, додека пак бројот на активни дневни корисници исто така пораснал на 1,4 милијарди.
На бројките на корисници на Facebook треба да се додадат и бројките на корисници на WhatsApp, платформа за комуникација која што исто така е во сопственост на Цукерберг кој пред неколку години за неа плати неверојатни 19 милијарди долари.
Бројот на активни месечни корисници на WhatsApp пораснал на 1,5 милијарди, додека бројката на дневно испратени пораки изнесува дури 60 милијарди, што е огромен пораст.
Извор: Zimo.hr
Поврзани артикли