Лет од Лос Анџелес до Мелбурн стана дел од историјата како прв лет со биогориво помеѓу САД и Австралија. Авионот на компанијата Qantas од типот Boeing Dreamliner 787-9 имал гориво составено од мешавина на стандардно авионско гориво (90%) и биогориво (10%) добиено од brassica carinata, т.е индустриско семе од сенф.

Во споредба со нормалните летови, овој лет создал 7% помалку јаглеродни емисии, бидејќи биогоривото од семето сенф создава 80% помалку емисии во споредба со обичното.

Моментално, на авиокомпаниите им е дозволено во своите летови да користат најмногу 50% биогориво, а портпаролот на Qantas изјавил дека компанијата верува дека тие спецификации би требало да се зголемат на 100%.

Биогоривата значително би ги намалиле емисиите на штетни гасови од авионските летови, но бидејќи најчесто тие се произведуваат од отпадните масла од ресторанската индустрија, нивните набавки се неконзистентни.  Од друга страна, brassica carinata е билка која се одгледува исклучиво за користење во биогорива и од неа најголема корист би имале земјоделците.

Доколку тие растат една култура на истата парцела секоја година, тоа ја оштетува почвата. Ако на секои неколку години тие го посадат семето за сенф на истата почва, тоа би го подобрило нејзиниот квалитет. Земјоделците потоа би можеле да го соберат семето, од него самите да го процедат маслото и да го користат за напојување на нивната опрема.

По процедувањето, вишокот материјал би можел да се користи за хранење на животните или пак да се продаде на авијациската индустрија, обезбедувајќи константен пристап до биогорива за користење во секојдневните операции.