Технолошкиот гигант Apple објави дека долгоочекуваниот паметен звучник HomePod ќе го пушти во продажба на 9 февруари, а овој уред ќе може да се нарача уште од овој петок, 26 јануари.
HomePod ќе биде пуштен во продажба истовремено во Америка, Велика Британија и Австралија, а кон почетокот на пролетта ќе пристигне и на европскиот пазар, каде најпрво ќе се најде во продавниците во Франција и Германија.
Паметниот звучник на Apple требаше да се најде во продажба кон крајот на минатата година, но продажбата беше одложена за 2018 година, поради дополнителни поправки на уредот.
Со оваа одлука Apple ја пропушти празничната сезона во која се продадени милиони паметни звучници.
Без разлика на одложувањето на пуштање во продажба, сепак се чини дека Apple нема направено никакви промени на HomePod.
Сите спецификации на звучникот кои беа познати уште во јуни 2017 година, останале исти.
HomePod со цилиндричен облик се состои од седум звучници, 4-инчен subwoofer и шест микрофони.
Звучникот ќе има и гласовна асистентка, но во овој случај нејзините можности ќе бидат лимитирани во споредба со другите уреди на оваа компанија.
Цената на звучникот се очекува да изнесува 349 долари.