Компанијата iKamper презентираше нов и иновативен дизајн на шатор кој се монтира на кровот од вашиот автомобил и ви овозможува оригинално кампувачко искуство за целото семејство. Сопственикот на компанијата, Сун Парк, после патување со автомобил од Бостон до Лос Анџелес кое било инспирирано од книгата On the Road на Џек Керуак, ја основал компанијата и ги претставил првичните дизајни за шаторот во јуни 2014 година.
Парк станал опседнат со кампување во природа поради што ја проширил работата и креирал преку дваесет прототипи пред финално да вложи во верзијата на шаторот којa се инсталира на кровот на автомобилот.
Резултатот од двегодишната работа е Skycamp, систем за кампување кој се инсталира на големи автомобили како џипови со два дополнителни монтажни стапа кои се поставуваат на земјата. Шаторот е дизајниран за четиричлено семејство, а може да се користи во секакви временски услови. Кога е затворен функционира како багажник со место за еден кревет, вреќи за спиење, покривки и перници.
Системот се монтира и демонтира едноставно со еден клуч, а толку е лесен што може да биде монтиран и од едно лице. Материјалот од кој е изработен е полиестер 250D, полупамучно платно наменето и за летно и за зимско кампување.
Може да се набават различни варијанти од шаторот по цени кои почнуваат од 250 долари па ногоре, во зависност од големината. Skycamp е досега најуспешниот проект на онлајн платформата за групно финансирање Kickstarter, каде што собра вкупно 2,3 милиони долари.