Џиновски астероид се движи кон нашата планета и не постои нешто што луѓето би можеле да го направат за да го спречат, предупреди научникот Јозеф Нут од НАСА за време на конвенцијата на Американскиот геофизички сојуз.

Тој истакна дека Земјата е релативно неподготвена за удар на астероидот и пренесе дека сме без никаква одбрана ако се случи удар на астероид од оние димензии, кој предизвикал пропаст на диносаурусите.

Иако се ретки, опасните астероиди доаѓаат во период од 50 до 60 милиони години.

„Можеме да кажеме, секако, дека дојде ред за да се случи такво нешто“, нагласи Нут.

Се смета дека диносаурусите изумреле пред околу 66 милиони години, откако 10 километри широк астероид ја погодил областа кај Мексиканскиот залив.

Најблиска „средба“ со астероид во неодамнешната историја, Земјата имаше во 1996, а потоа и во 2014 година, кога еден астероид помина покрај нас, недалеку од Марс.

Да немавме среќа и астероидот да бил упатен директно кон нашата планета, веројатно не би имале доволно време да се подготвиме за неговиот удар, вели Нут, кој смета дека за евентуалното уништување на астероид би биле потребни барем две вселенски мисии.

„Имаме технологија со чија помош можеме да го промениме правецот на астероид со речиси секакви димензии. Првата задача би било да се испрати роботска сонда кон астероидот која би го погодила, а втората мисија би вклучувала „гравитациски трактор“, односно вселенски брод кој би летал со астероидот и би го турнал подалеку од Земјата со помош на гравитација“, вели тој.

Оваа стратегија веројатно би функционирала на астероиди со ширина од 400 метри, а за поголемите би биле потребни повеќе удари и обиди за уништување на астероидот, смета Нут.

Извор: B92.net