Во Јужна Кореја е во тек “војна” помеѓу службените власти и регулатори против криптовалутите и компаниите кои се занимаваат со нив.
Претходно оваа недела беше објавена рација во шест најголеми менувачници на криптовалути во Јужна Кореја под сомнеж дека избегнуваат плаќање на данок.
“Властите во овој случај го третираат биткоинот и другите криптовалути како коцкање и сметаат дека во оваа област се случува нешто илегално”, изјавиле сопствениците на менувачниците кои се под истрага.
Денеска пристигнува уште една лоша вест од оваа земја – властите на Јужна Кореја планираат да воведат закон со кој би се забранило тргувањето со криптовалути.
“Постои голема загриженост во врска со виртуелните валути и министерството за правда припрема закон со кој ќе се забрани тргувањето со истите”, изјавил министерот Парк Санг-Ки.
Основниот мотив за забраната е фактот дека вложувањето во овој облик на капитал носи голем ризик и може да предизвика значајна финансиска штета.
Владата планира да спроведе сериозна расправа со агенциите и регулаторите кои се надлежни за ова подрачје, а потоа законот ќе мора да биде изгласан и во парламентот.
По објавата на оваа вест, цената на главната светска криптовалута – биткоинот, падна на ниво под 13 илјади долари, но како што и обично се случува – таа набрзо почна да се зголемува.