Како и во многу случаи, новитетите ги претставуваат помалите компании, а подоцна поголемите компании се китат со перјата. Таков е случајот и на самиот почеток на годината кога компанијата Vivo го претстави првиот телефон со вграден сензор за отпечаток од прст на самиот дисплеј. Функцијата која што најчесто се очекуваше од Apple и Samsung, ја добивме прво кај Vivo.
Сензорот има ознака FS9500 и го произведува Synaptics. Телефонот на кој е поставен овој сензор засега нема официјално име, но изгледа како веќе готов производ. Продажбата ќе започне во втората четвртина од годината на азиските пазари. Брзината на сензорот е 0.7 секунди, што е поспоро од најголем дел од ваквите сензори што не се на самиот екран, но со оглед дека станува збор за прв производ, резултатот е одличен и на многумина оваа брзина нема да им претставува проблем.
На Consumer Electronics Show, Vivo го претстави сензорот кој е подготвен за масовно производство, но засега има мали недостатоци. Најголемиот недостаток е што засега може да работи само на телефони со OLED екран. Бидејќи овој сензор е поставен под екранот, тој треба да ѕирне преку пикселите од OLED екранот за да го направи отчитувањето на прстот. Кај LCD екраните се користи позадинско осветлување, кое во овој случај ќе ја попречи работата на сензорот. Тоа значи дека засега кај телефоните од буџет категоријата нема да ја видиме оваа опција.
Вториот недостаток е можноста на компанија како Vivo да успее да достави до корисниците голем број на телефони. Третиот недостаток е што телефоните на Vivo не се продаваат на големи пазари како САД и Британија.
Поврзани артикли