Џиновската дупка во озонската обвивка на Земјата нема во потполност да се опорави уште барем половина век, но научниците на НАСА имаат докази дека таа се намалува.
На почетокот на осумдесетите години од минатиот век научниците открија дека одредени хемикалии кои што ги користиме ослободуваат материи кои може да ја оштетат и уништат озонската обвивка.
Отворената озонска дупка предизвика глобален аларм, а на крајот на 1987. година секоја земја на светот го потпиша Монтреалскиот протокол со кој што се обврзаа за намалување на употребата на фреон за 50 отсто. Овој договор се смета за најуспешен договор за заштита на животната средина во историјата, а постојат докази дека резултатите се успешни.
Користејќи податоци од сателити од 2005. до 2016. година, научниците на НАСА утврдиле дека нивото на хлор во озонската обвивка се намалува за 1 отсто секоја година.
Ова е прв пат научниците да може да измерат хемиски состав во озонската дупка и да го набљудуваат намалувањето на оштетувањето на обвивката. Ова е добра вест за човештвото, но научниците нагласуваат дека е потребно да поминат децении пред озонската дупка да се затвори.
Озонската дупка беше најголема во 2000. година, кога беше широка околу 30 милиони квадратни километри.