Apple соопшти дека открил два „сериозни дефекта“ во компјутерските чипови на сите уреди iPhone, iPad и на Mac компјутерите пренесе Би-Би-Си. Според технолошкиот гигант, нема докази дека овие слабости биле користени од хакери.
Соопштението следеше откако „Google“ и други технолошки компании соопштија за дефектите „Meltdown“ и „Spectre“, откриени во процесори на неколку производители, кои практично го покриваат речиси целиот компјутерски пазар на светот. Mac корисниците со години велат дека нивните уреди и оперативни системи се помалку ранливи од оперативните системи на „Microsoft“ или „Android“ телефоните.
„Овие прашања се однесуваат на сите модерни процесори и влијаат речиси на сите компјутерски уреди и оперативни системи“, продолжува „Apple“. Компанијата веќе пушти „закрпи“ како мерка за делумно неутрализирање на „Meltdown“ како дел од нејзините ажурирања за iPhone и iPad (iOS 11.2) и macOS 10.13.2. Проблемот не влијае на часовниците Apple Watch. За да се справи со „Spectre“, компанијата подготвува ажурирање за прелистувачот Safari.
Во меѓувреме, и „Google“ и „Microsoft“ објавија кои производи се погодени од дефекти и како нивниот ефект може да се минимизира. Експертите велат дека некои од „закрпите“ на компаниите можат да ги забават уредите до 30 отсто, но „Intel“ тврди дека таквите тврдења се „претерани“.
Закани
„Spectre“ влијае на чипови во паметните телефони, таблети и компјутери, создадени од „Inte“, „ARM“ и „AMD“, а „Meltdown“ – лаптопи, десктоп компјутери и интернет сервери кои работат со чипови на „Intel“. Сепак погодените уреди се милијарди – само персоналните компјутери (десктоп и лаптопи) се милијарда и пол, а од нив 90 отсто работат со „Intel“ според технолошката консултантска компанија „IDC“.