Градините Лонгвуд претставуваат ботаничка градина која се наоѓа во сојузната американска држава Пенсилванија. На површина од 436 хектари (4.36 км2) таа е една од најголемите ботанички гардини во САД, отворена за посетители преку целата година, со голем број на автохтони и алохтони видови кои се одгледуваат на отворено или во затворен простор под строго контролирани услови. Таму се организираат предавања за професионалци и аматери од областа на хортикултурата, курсеви, тематски сезонски атракции и голем број работилници.
Ботаничката градина се состои од голем број пејзажни остварувања во формален и неформален стил, како и 20 градини од затворен тип во форма на стакленици и пластеници со вкупна површина од околу 2 хектари. Во оваа градина може да се сретнат повеке од 4.500 различи растителни видови, како и голем број архитектонски остварувања. Приоритетот во оваа градина е ставен на одредени колекции на растенија. За секоја колекција има план за нејзино развивање во етапи. Основни колекции кои може да се сретнат во оваа ботаничка градина се: австралиската колекција, која вклучува изворни растенија со потекло од австралискиот континент, колекцијата на азалеи, бонсаи колекцијата во која се застапени голем број на бонсаи стилови, колекцијата на родот Buxus spp. – зеленики, колекцијата на хризантеми, папрати, јорговани, махонии, орхидеи, лилјани, јужноафриканска колекција, дабова колекција и многу други.
Во оваа ботаничка градина има пракса да се изработува и чува хербариум, како начин на документирање на колекцијата на живи растенија кои се одгледувале или се одгледуваат, а би послужиле за понатамошно таксономско истражување на идните генерации. Хербариумот освен за потребите на ботаничката градина е достапен за целокупната научна заедница во САД.
„Божиќ во Лонгвуд“ е една од сезонските атракции кои се случуваат секоја година. Тоа претставува празник на хортикултурата со кој се означува и почеток на сезоната на тематски атракции. Стартот е на 24 ноември и трае до 8 јануари. На отворениот простор од градините може да се видат повеќе од 500.000 светилки со кои се украсени повеќе од 120 дрвја. Највисокото украсено дрво во оваа ботаничка градина е околу 90 метри. Освен дрвјата осветлени се и фонтаните во градината во најразлични бои.
Освен украсениот отворен простор посебна атракција за време на овој настан претставуваат трите најголеми стаклениците кои се специјално украсени во духот на божиќните и новогодишните празници. За таа цел се искористени повеке од 50 новогодишни елки украсени со црвени, златни и зелени стаклени украси, околу 15.000 сезонски растенија, вклучувајќи божиќни ѕвезди, циклами и антириуми. Во еден дел е изработено цветно дрво од 10 метри височина од божиќна ѕвезда и орхидеи. Централно е поставена елка со висина од околу седум метри. Во музичката просторија има елка со висина од 5 метри која е украсена со декоративни елементи и венци, која се ротира. Елката е дел од музичка кутија која постојано се ротира во 360о.
Една од атракциите кои се јавува за време на овој период во градината е минималистичката железница која се состои од пруга во должина од околу 120 метри.
Поврзани артикли