Канадскиот актер Вилијам Шатнер, легендарниот капетан Кирк од серијата „Star Trek“ навистина ќе отпатува во вселената.

Капетанот Кирк ќе биде испратен во вселената од американскиот милијардер Џеф Безос и неговата компанија Blue Origin, а лансирањето е закажано за 12 октомври во Тексас.

Шатнер има 90 години и ќе стане најстарата личност што отпатувала во вселената.

„За вселената слушам долго, а сега ќе ја искористам можноста да ја видам. Какво чудо”, изјави актерот.

Тој ќе биде дел од екипажот од уште три лица и ќе патува во вселената со ракетата New Shepard. Претходно во јули, Безос беше член на првиот екипаж кој Blue Origin го испрати во вселената. Вселенското патување во октомври ќе трае десет минути.

Шатнер во серијата „Star Trek“ го играше ликот на капетанот Џејмс Т. Кирк, кој командуваше со вселенското летало USS Enterprise, а подоцна се појави и во филмовите.

Во 2013 година наводно ја одбил понудата на Ричард Бренсон да лета со него во вселената. Бренсон оваа година, исто така, искуси патување во вселената, организирано од неговата компанија Virgin Galactic.

Извор: Klix.ba