Технолошкиот гигант Apple им се извини на корисниците откако стана мета на критика за намерно забавување на постарите модели на iPhone, поради што компанијата веќе се соочува со колективна тужба.
Од Apple сега велат дека ќе ги заменат батериите поефтино и во 2018 година ќе пуштат во употреба софтвер кој ќе ја мониторира состојбата на батеријата на телефоните. Преку соопштението, објавено на нивниот сајт, тие информираат дека ќе ја спуштат цената за замена на батерија која не е под гаранција од 66 на 24 евра за сите кои имаат iPhone 6 или понов модел.
Како што велат, овој потег се прави за да се „излезе во пресрет на загриженоста на корисниците, да се оддаде признание на нивната лојалност и да се врати довербата на сите кои имале сомнежи во намерите на Apple“.
„Во Apple, довербата на нашите корисници ни е најважна. Никогаш нема да престанеме да ја заслужуваме и да ја задржуваме. Можеме да го работиме тоа што го сакаме само поради вашата верба и поддршка и никогаш нема да го заборавиме тоа или да го земеме здраво за готово“, стои во соопштението на компанијата.
Apple се соочува со осум различни тужби во САД поради оваа афера, а се соочува и со дополнителни процеси во Израел и Франција.
Претходно, месецов, комапнијата призна дека намерно ги успорува постарите модели на iPhone, информирајќи дека направиле промени во оперативниот систем за да овозможат подобро работење на литиумските батерии на некои уреди, кои губеле од моќноста после одредено време.