Познато е дека Самсунг и Apple се големи конкуренти на мобилниот пазар и во текот на изминатите години често се тужеа меѓусебно, но без оглед на тоа, јужнокорејската и американската компанија се големи партнери.
Најважната компонента кај новиот iPhone X е големиот ОЛЕД екран кој што го произведува Самсунг, а според информациите на аналитичарите, идната година се очекува Apple за четири пати да ја зголеми нарачката на ваквите екрани.
Според гласините, Apple за следната година се подготвува за претставување на три нови iPhone телефони, од кои два ќе имаат ОЛЕД екран – наследникот на iPhone X кој ќе има 5,8-инчен екран и iPhone X Plus кој би можел да има екран со дијагонала од дури 6,4-инчи.
За екраните на двата телефони ќе биде задолжен Самсунг – според некои претходни предвидувања, Apple за оваа година нарачале околу 50 милиони ОЛЕД екрани од својот јужнокорејски ривал, додека за следната година, американската компанија би можела да порача од 180 до 200 милиони ОЛЕД екрани.
Според проценките, Самсунг на крилјата на Apple и порачките на американската компанија, би можеле да заработат и до 22 милијарди долари. Истовремено, се појавија гласини дека Самсунг планира изградба на уште една фабрика која би требало да ги задоволи потребите на Apple.
Што се однесува до иднината, се чини дека Apple сепак нема намера да остане засекогаш зависен од Самсунг, па се шпекулира дека за моделите на iPhone за 2019-та и 2020-та година, американскиот гигант планира да ги користи и ОЛЕД екраните на LG.
Наводно Apple договориле вложување од неколку милијарди долари во LG кои што би требало да отворат производствена линија за ОЛЕД екрани на која би работеле исклучиво за телефоните на Apple.
Извор: Zimo.hr