Facebook наскоро го менува начинот на идентификување лажни и погрешни вести на социјалната мрежа. Сите корисници ќе бидат предупредени пред да прочитаат или да споделат некоја лажна информација. Имено, црвената икона позната како „спорно знаменце“ ќе укажува на лажни вести и наместо тие вести, во новостите ќе понуди написи врзани со точни информации.
Од Facebook велат дека поврзаните текстови на корисниците ќе им дадат повеќе објасненија и контекст за некоја вест, вклучувајќи и објаснение кои информации се неточни кај лажните вести. Доколку корисниците се обидат да споделат лажни вести, ќе им се појави скокачки прозорец со предупредување да ги проверат наведените факти. Написите со точни и проверени информации ќе се појавуваат на newsfeed на Facebook пред корисниците да споделат лажни вести.
Facebook веќе долго време се бори со лажни вести кои корисниците често ги споделуваат на профилите. Минатиот месец социјалната мрежа се придружи на Google и Twitter во истрагата која имаше цел да одговори на тешки прашања за тоа како интернет платформите се искористија за ширење дезинформации во текот на минатогодишните претседателски избори во САД. Facebook на Конгресот му предаде неколку илјади реклами кои се доведуваат во врска со Русија, во кои, според странски генции, се користат актуелни прашања за луѓето да се свртат едни против други.
Изминатите месеци Facebook детално испитуваше нови алатки со помош на кои корисниците ќе можат да дознаат повеќе за потеклото на нивните објави на социјалните мрежи. На овој начин корисниците ќе можат сами да проценат дали одредени иобјави доаѓаат од уредници и медиуми на кои може да им се верува. Според мислењето на експерти, социјалната мрежа би можела да успее во борбата против ширењето дезинформации.
Извор: Klix.ba