Со помош на телескопот Хабл, германска група од астрономи пронајде невообичаен тип на објект во астероидниот појас помеѓу Марс и Јупитер: два астероиди кои орбитираат еден со друг и покажуваат особини на комета, вклучувајќи светла кома и долга опашка. Ова е првиот познат бинарен астероид кој може да се класифицира како комета. Во септември 2016, пред моментот кога астероидот 288P беше најблиску во неговата орбита до Сонцето, астрономите добија можност да го набљудуваат детално преку Хабл.
Набљудувањата исто така откриваат активност во бинарниот систем која укажува на сублимирање на мраз поради зголемено греење од Сонцето – нешто слично на тоа како настанува опашка на комета. Ова го прави 288P првиот двоен астероид истовремено класифициран и како комета од главниот појас на Сончевиот Систем.
Разбирањето на потеклото и еволуцијата на кометите од главниот појас е важен елемент во нашето разбирање на еволуцијата на целиот Сончев Систем. Едно од прашањата кои можат да ни ги одговорат кометите од главниот појас е тоа како водата стигнала до Земјата. Бидејќи се познати многу малку објекти како 288P, овој систем е екстремно важен за идни истражувања.
Интересните особини на 288P, како широката разделеност помеѓу двете компоненти, скоро еднаквата големина на компонентите, висока издолженост и активност налик на комета, исто така го прават уникатен помеѓу малкуте познати бинарни астероиди во Сончевиот Систем. Набљудуваната активност на 288P дава информации и за минатото на 288P. Површен мраз не може да преживее во астероидниот појас за досегашниот животен век на Сончевиот Систем, но може да биде заштитен милијарди години од рефракторна обвивка од прашина која е дебела само неколку метри.
Од ова знаеме дека 288P постои како двоен систем само околу 5000 години. Најверојатното сценарио на создавање е растргнување на единечен објект заради брза ротација, а потоа двата објекти можеле да се оддалечат заради силите дадени од сублимацијата.
Тоа што 288P е толку различен од другите познати бинарни астероиди поставува прашање дали случајно има толку многу уникатни својства. Наоѓањето на 288P вклучувало многу среќа и веројатно е дека долго време ќе остане единствен примерок од овој вид. Потребно е повеќе теориска и набљудувачка работа, како и наоѓање повеќе објекти како 288P, за да се најдат одговори на сите прашања.
Поврзани артикли