Сите имаме по некој во друштвото или меѓу роднините кој обожава гаџети и е „најтежок“ за одбирање подарок. За овие новогодишни празници ви подготвивме водич што ќе ви помогне да одберете подарок за овие гаџет фрикови.

Секако, ќе мора да им прочепкате по дома или да ги потпрашате „од околу“ случајно да не го имаат веќе тој модел или го имаат нарачано.

Некои од предложените подароци ги нема достапни кај нас, па ќе треба да ги нарачувате онлајн, а за некои ќе треба да ги споите буџетите со другите членови на семејството или пријателите за да може да го израдувате љубителот на гаџети.

Мини принтер за фотографии

За оние кои обожаваат да фотографираат сѐ околу себе со нивниот смартфон, изненадете ги со џебен принтер за фотографии. Print Pocket е една добра варијанта за корисниците на IPhone, а цената му е околу 150 долари.

Power Bank

Преносните батерии, попознати како Power Bank, се одличен подарок за љубителите на гаџети бидејќи постојано се на некој од нивните уреди и им ја „цедат батеријата“. Зависно од вашиот буџет, може да одберете Power Bank со различен капацитет и намена, од смартфон до поголеми уреди, но сепак нека биде барем за две дополнителни полнења. Ова е практичен подарок за кој гаџет фрикот ќе ви биде благодарен. Цените се движат од 400 до 4.000 денари, во зависност од капацитетот на уредот.

Безжични слушалки

Луѓето кои сакаат најнови технолошки гаџети најчесто се луѓе кои се постојано активни и во движење. Безжичните слушалки не само што се практични, туку и изгледаат многу кул.

Во зависност од различните перформанси, може да најдете безжични слушалки за сечиј буџет: цените се движат од 500 до 5.000 ден.

Дрон

Веќе зборуваме за највисоко ниво на гаџет фрик. Можеби ќе платите малку повеќе и ќе чекате испорака, но радоста ќе биде неизмерна. Преку онлајн платформата Alibaba може да најдете дронови со камера со почетна цена од 25 долари, па нагоре. Моделите достапни во Македонија се со цени од 4.300 ден., па нагоре.