Првиот електричен велосипед што се движи со мотор што работи на водород, беше претставен во градот Сен-Лоу во северозападна Франција.
Директорот за продажба на компанијата „Прагма Индастрис”, Кристоф Бруно истакна дека тоа воедно е и светска премиера.
– Таа компанија во Нормандија веќе има испорачано дваесет такви велосипеди, а во Баскија и на Алпите ќе има уште 40. Се надеваме на (продажба на) неколку стотици велосипеди за 2018 година, ширум Франција, но и за извоз. Не бомбардираат со барања, изјави Бруно за локалните медиуми.
– Резервоарите на велосипедите, што се тешки 25 килограми се полнат со водород за помалку од две минути, додека пак, батериите на конвенционалниот електричен велосипед, само до половина, се полнат дури за три часа, додаде тој.
Електричниот велосипед користи незагадувачко гориво, може да помине и 100 километри, а просекот на конвенционалниот електричен велосипед е 50 километри.
Велосипедите се напојуваат во станица за полнење таков вид велосипеди, отворена во Сен-Лоу. Принципот е заснован на разградување на водата на кислород и водород.
Цената на „водород-велосипедот“ е 7.500 евра, а плановите се таа да се спушти на околу 3.500 евра до 2020 година.
Првите велосипеди на водород во Сен-Лоу ги користат вработени во локална болница и едно претпријатие со 800 вработени, „Лекапитен”.