Директните пораки кои стигнуваат на Instagram наскоро ќе се одвојат, најавуваат од компанијата. Исто како во случајот со Messenger кој се отцепи од Facebook по зголемувањето на бројот на корисници кои ја користат друштвената мрежа за комуникација.

Уште тогаш Марк Цукерберг изјави дека една апликација најдобро може да прави една работа, па издвојувањето на две функции во посебни апликации оди во правец на подобрување на тие апликации.

Instagram Direct се вика новата апликација и моментално е достапна во тест фаза во ограничена бројка на земји.  На овој начин се тестира како ќе биде прифатен овој новитет.

Се очекува апликацијата да биде достапна за сите корисници доколку се покаже како добра. Корисниците кои ја инсталираат Direct апликацијата, веќе немаат дел за пораки во Instagram, што е очекувано и целта на новата апликација.

Што се однесува до функциите, оваа апликација ги има сите досега достапни, а поради посебниот развој, доколку стане официјална, се очекува зголемување на нејзините функции значително.

Акцентот како што се очекува е ставен на камерата, сепак се работи за друштвена мрежа за споделување на слики. Се разбира, тука се и текстуалните пораки до кои се доаѓа преку повлекување на десната страна.