Кислородот му вдахна свеж воздух на изучувањето на Земјината еволуција пред 400 милиони години.
Тим од истражувачи, вклучувајќи и постдокторски соработник кој е дел од кадарот на Универзитетот Вашингтон во Сент Луис, откри дека нивоата на кислород наизглед се зголемуваат во исто време со тројното покачување на биодиверзитетот за време на Ордовицискиот период, пред 445 до 485 милиони години, според истражување објавено на 20-ти ноември во Nature Geoscience.
„Ова покачување на кислородот е поддржано од две различни гледни точки кои се независни една од друга, користејќи различни групи на геохемиски податоци и предвидувајќи дека истото кислородно покачување се случило отприлика во исто време како и расчленувањето,“ изјави Кол Едвардс, главниот испитувач во истражувањето кое било спроведено кога тој бил постдокторски соработник во лабораторијата, работејќи под главниот автор на истражувањето, Дејвид Фајк, вонреден професор на Земјини и планетарни науки. Други автори се Метју Салцман од Охајо Стејт универзитетот и Дана Ројер од Веслејан универзитетот во Конектикат.
„Воспоставивме уште една врска меѓу природната разновидност и нивоата на кислород, но овој пат за време на Ордовикот, каде што нивоа на кислород блиски до денешните биле достигнати пред 455 милиони години,“ изјави Едвардс, асистент професор за геолошки и еколошки науки на Апалачиан Стејт во Бун, Северна Каролина. „Треба да се нагласи дека ова веројатно не е единствената причина зошто расчленувањето на видовите се случило токму тогаш. Веројатно е дека и други промени, како ладењето на океаните, зголемена снабденост со храна во океаните и притисокот од предаторство, придонеле за животинскиот свет да може да се расчленува милиони години.“
Оваа експлозија од диверзитет, позната како Големата Ордовициска биодиверзификација, го започнала порастот на многу видови морски живот, огромна промена во видовите, фамилиите и типовите, како и промени за Земјата, започнувајќи на океанското дно. Судирите со астероиди биле само една од многуте нарушувања кои биле проучени како причината за таквата експлозија од промени. Едвардс, Фајк и други сакале да продолжат да ја испитуваат врската меѓу нивоата на кислород во океанската атмосфера и степените на различност меѓу животните во текот на долги временски периоди.
Проценувањето на ваквите кислородни нивоа е прилично тешко, бидејќи нема директен начин на кој може да се измери составот на древните атмосфери и океани. Временските машини постојат само во измислениот свет.
Користејќи геохемиски посредници, податоци со висока резолуција и хемиски отпечатоци зачувани во карбонатни камења формирани од морската вода, истражувачите успеале да откријат пораст на кислородот во текот на средниот и доцниот Ордовик, и тоа не мал пораст. Тие цитират пораст од речиси 80%, каде што 14% од атмосферата се состоела од кислород за време на Даривилискиот период (среден Ордовик, пред 460-465 милиони години) и овој удел се зголемил до 24% од атмосферата до среднокатискиот (Доцен Ордовик, пред 450-455 милиони години).
„Ова истражување предлага дека атмосферските нивоа на кислород не достигнале и не се одржале на денешните нивоа милиони години по Камбриумовата експлозија, што се смета како периодот кога океанската атмосфера го добила карактеристичното количество на кислород,“ изјави Едвардс. „Во ова истражување ние покажуваме дека снабдувањето со кислород на атмосферата и плиткиот дел од океанот траело милиони години, а периодите на големо расчленување на видовите можеле да се случат само кога плитките мориња постепено станувале се побогати со кислород.“
Хемиските отпечатоци кои служеа како замена за разложен неоргански јаглерод вклучуваат податоци од геолошки поставки кои се движат од Големиот Басен на западот на САД, до северните и источните делови на САД, до Канада и нејзините поморски делови, како и Аргентина во јужната хемисфера и Естонија во источната хемисфера. Невада, Јута, Оклахома, Мисури (Њу Лондон на север и автопат ММ на југ од Сент Луис), Ајова, Охајо, Западна Вирџинија и Пенсилванија се некои од контролните пунктови во САД.
Истражувачите заклучија дека останува нејасно дали збогатувањето со кислород имало директен ефект на животинскиот свет, или дури и пасивен ефект, со тоа што, на пример, го проширило екопросторот богат со кислород. Па затоа, тешко е да се заклучи дали температурата, зголеменото количество на кислород или нешто друго служело како поттик за биолошката разновидност. Но, најденото покажува дека дефинитивно имало многу повеќе кислород за време на некои од најголемите промени.
„Кислородот и животните секогаш биле поврзани, но отсекогаш фокусот бил на тоа како животните настанале.“ изјави Салцман, професор и училишен директор за Земјини науки на универзитетот Охајо Стејт. „Нашиот труд предлага дека кислородот можеби бил исто толку важен за да се разбере како животните станале толку различни и многубројни.”
Текстот е преземан од веб-страницата на Скопско астрономско друштво www.astronomija.mk