Научници од повеќе светски земји пронајдоа диносаурус кој преставува некаква чудна мешавина од гуска, крокодил, ној и лебед. Според истражувачите, станува збор за видот Halszkaraptor escuilliei кој живеел пред 75 милиони години во реките и езерата во Монголија.
Овој чуден и досега неоткриен вид на диносаурус бил висок околу 46 сантиметри, одел исправено на две нозе, слично на нојот, но поминувал доста време во водата, користејќи го долгиот врат како на лебед, за да лови ситни рипки, инсекти, мекотели и ракови. Овој диносаурус имал клун како на патка, но и крокодилски заби и канџи.
„Откривме комбинација од карактеристики од различни групи диносауруси во чуден микс. Личи на вкрстување меѓу гуска и рептил“, вели шефот на истражувачкиот тим, Андреа Кау, палеонтолог од геолошкиот музеј во Болоња.
Истражувачите сметаат дека Halszkaraptor бил претходник на птиците и бил покриен со пердуви. Остатоците од скелетот на новооткриениот диносаурус се релативно добро зачувани, а биле пронајдени во јужна Монголија.
Поврзани артикли