Компанијата Microsoft најави огромен проект за реновирање и надградба на својот кампус во градот Редмонд во сојузната држава Вашингтон, кој ќе се гради во следните седум години. Сегашниот кампус отворен е во 1986 година и со текот на времето се проширил на 125 посебни згради, распоредени на 740.000 квадратни метри. Во рамките на кампусот моментално работат помеѓу 30.000 и 40.000 вработени во Microsoft. Со новиот минијатурен град, како што го нарекуваат во Microsoft, целта е да се создаде „поотворена и понеформална работна атмосфера”.
Според содржините со кои ќе располага, новиот кампус навистина ќе наликува на мал град. Се најавуваат 18 нови згради, плоштад со површина од 8.100 квадратни метри, продавници, и неколку патеки за пешачење и трчање. Во рамките на кампусот ќе има и два терени за „европски фудбал“ како и игралиште за крикет. Изградбата на терен за крикет докажува дека добар дел од вработените потекнуваат од Индија, како и самиот извршен директор Satya Nadella.
Microsoft во својот град нема да дозволи автомобили, па целата концепција се базира на патеки за пешачење и патеки за велосипеди. Кога ќе биде завршен, во 2024 година, во кампусот ќе има вкупно 131 зграда, и ќе има можност за работа на 47.000 луѓе, како и простор за 8000 посетители. Претседателот на Microsoft, Brad Smith вели дека компанијата ќе потроши 150 милиони долари на транспортниот систем, јавните простори, спортски терени и зелени површини. Истовремено, преку овој проект се проценува дека ќе се отворат 25.000 нови работни места во градежниот сектор.
Поврзани артикли