Најголемата светска литиум-ионска батерија која ја направи компанијата Tesla почна да произведува струја во Јужна Австралија.

Системот Powerpack е поставен на ветроелектраната во близина на Џејмстаун, кој се наоѓа на тричасовно возење од Аделаиде, главниот град на Јужна Австралија, која е соочена со сериозни енергетски предизвици.

Тој почна да произведува струја еден ден порано од планираното, а тоа се должи на исклучително топлото време.

Директорот на Tesla, Елон Маск најави дека ќе ја изгради батеријата за 100 дена и го исполни неговото ветување. Доколку не успееше да ја заврши изградбата во предвидениот рок, се согласи да ја подари бесплатно.

„Креираме историја. Батеријата ќе спречи повторување на минатогодишниот инцидент во кој целата држава остана без струја“, рече премиерот на Јужна Австралија, Џеј Ветервил.

Маск рече дека оваа батерија е трипати помоќна од било која друга батерија на светот.

Кога е наполнета, батеријата може да снабди со струја преку 30.000 домови на час, но нејзината намена е да ги поддржува и стабилизира постоечките залихи на електрична енергија.

Батеријата се состои од мрежен систем кој работи на истиот принцип како оној кој го употребуваат Tesla автомобилите.

„Оваа батерија покажува дека одржливите и ефективни енергетски решенија се возможни“, соопштија од компанијата Tesla.