Научниците претставија нова теорија која што фрла ново светло на нуклеарната катастрофа која што се случи во советски Чернобил, денешна Украина.
Магазинот „Нуклеарна технологија“ објави истражување на шведски научници од Шведската одбранбена и истражувачка агенција, Шведскиот метеоролошки и хидролошки институт и Универзитетот во Стокхолм, кои што ги анализирале изотопите на хемиските елементи ксенон кои што четири дена по инцидентот ги собрале научниците на Радиолошкиот институт „Клопин“ во Санкт Петербург.
Нивните сознанија ја „соборуваат“ општоприфатената теорија според која најпрвин дошло до експлозија на пареа, предизвикана од енергијата настаната со загревањето на водата со која што се лади јадрото на реакторот, а дури потоа до нуклеарна експлозија.
Истражувањето на шведските научници укажува дека всушност во нуклеарната електрана во Чернобил се случило спротивното – дека најпрвин се случила нуклеарна експлозија.
Тие изотопи биле пронајдени далеку од местото на катастрофа, во градот Череповец северно од Москва и прилично далеку од главните траги на „отпадоци“.
Според тврдењата на шведските научници, тие изотопи настанале со нуклеарна фисија, што укажува на нуклеарна експлозија. Ваква експлозија во внатрешноста на реакторот би ги лансирала остатоците и до 3 илјади метри во воздух, по што би следувала експлозија на пареа која што би предизвикала експлозија на реакторот, пренесува магазинот „Нуклеарна технологија“.
„Веруваме дека најпрвин дошло до нуклеарна експлозија која што преку цевките за полнење на гориво го лансирала радиоактивниот материјал од 2,5 до 3 километри во воздух, а 2,7 секунди после тоа дошло до експлозија на пареата која што го пробила реакторот“, тврдат шведските научници.
Според новите анализи, проучувањето на уништениот реактор исто така укажува на тоа дека најпрвин имало нуклеарна експлозија, а потоа следувало експлозија предизвикана од пареата.
Тоа би предизвикало температурата да се искачи доволно високо да се стопи плоча со дебелина од два метри на дното на југоисточниот дел од јадрото која што наводно „исчезнала“ во моментот на експлозијата.
Извор: Kurir.rs/ Net.hr