Истражувачи од центарот ХРЛ Лабораторис во Калифорнија соопштуваат дека имаат развиено симулатор за вчитување информации директно во човечкиот мозок, така што тој за доста кусо време ќе стекне одредено знаење и ќе научи нови вештини.
Научниците веруваат дека тоа би можело да биде првиот чекор во развојот на напреден софтвер кој ќе направи учењето – „инстантно“, онака, како во филмот „Матрикс“.
Тие велат и дека пронашле начин за поинтензивно учење, само не во толкава мера како онаа во филмот. Ги проучувале електричните сигнали во мозокот на обучен пилот, а потоа ги вчитувале податоците во мозоците на почетници во пилотирањето, додека тие биле во симулатор за летање.
Студијата објавена во списанието „Фронтиерс енд Хјуман Нуросаенс“, вели дека луѓето примачи на мозочната симулација преку капи со електроди, потоа имале 3 отсто подобри пилотски способности од групата на која е применет „плацебо ефектот“.
– Нашиот систем е еден од првите од овој вид. Станува збор за систем за стимулација на мозок. Тоа звучи како научна фантастика, но постои солидна научна основа за развој на нашиот систем, објаснува д-р Метју Филипс, кој дел од тимот научници.
– Специфичната задача којашто ја обработувавме, беше – пилотирање авион, што изискува синергија од когнитивни и моторички способности. Кога нешто учите, Вашиот мозок физички се менува. Врските се создаваат и зајакнуваат во процесот кој се нарекува невро-пластичност. Се покажа дека одредени функции на мозокот, како што се говорот и помнењето, кои се наоѓаат во прилично специфични делови од мозокот, се големи колку Вашиот мал прст, додава истражувачот.
Д-р Филипс верува дека мозочната симулација би можела да се примени и при стекнување возачки вештини, учење јазици и подготовка за испит.
– Нашиот систем всушност и цели на тие промени во одредени делови на мозокот додека Вие учите, нагласува тој.
Поврзани артикли