И покрај инцидентот, компанијата тврди дека нивните планови за лансирање нема да се одложат и дека ќе биде испочитуван распоредот.
Во неделата, во Тексас, на едно од тестирањата на ракетата на корпорацијата SpaceX, се запали еден од моторите и експлодираше.
Инцидентот се случи за време на „квалификационен тест“ на самиот Merlin мотор, кој треба да биде користен при лансирањето на ракетата Falcon 9, кое треба да се случи на крајот на 2018 година. Од компанијата изјавија дека во експлозијата не бил повреден никој, и дека штетата е само материјална.
„Во моментот спроведуваме темелна и детална истрага за да ја откриеме причината позади експлозијата. SpaceX отсекогаш бил верен на своите рокови, така што не очекуваме ова да го одложи лансирањето на Falcon 9“, изјави Џон Тејлор, претставник на SpaceX.
Експлозијата (а со тоа и неуспешната мисија) доаѓа во многу успешна година за SpaceX, бидејќи во 2017 година тие успеаја успешно да лансираат 16 ракети, што е двојно повеќе од минатата година.
Што се однесува до идните планови на компанијата, тие имаат закажано уште две лансирања до крајот на годината, а едно од нив е лансирањето на Falcon Heavy, супер-ракетата наменета за пренесување на огромни количини на товар.
Извор: Кајагана