Уредот на FujiFilm наречен Instax Share SP-3 SQ може да се поврзе со паметните телефони и да печати фотографии од 800 х 800 пиксели на Instax Square филм.
Во денешно време кога фотографиите дигитално се складираат на нашите паметни телефони, камери и мемориски картички, фотографиите во физичка форма полека но сигурно исчезнуваат.
Но, компанијата Fujifilm е тука за да го спречи тоа. Имено, тие објавија нов пренослив печатач со квадратна форма, чија специфична намена е користење со паметните телефони. Уредот наречен Instax Share SP-3 SQ може да се поврзе со паметните телефони со Android или iOS оперативните системи или камерите Fujifilm X Series и да печати фотографии од 800 х 800 пиксели на Instax Square филм.
Целиот процес на печатење трае околу 13 секунди, а вградената батерија во уредот овозможува околу 160 печатења со само едно полнење. Фотографиите се во размер 1:1 што значи дека вашите фотографии ќе излегуваат во облик на квадрат, како што порано изгледаа на Инстаграм.
Со помош на апликацијата Share, корисниците можат да печатат една фотографија или да креираат колаж со две до девет фотографии. Апликацијата исто така овозможува додавање на текст или избор од 11 различни теми за печатење.
Instax Share SP-3 SQ ќе биде достапен во текот на ноември, по цена од 200 долари, а истиот ќе доаѓа во црна и бела боја.