Како би реагирале кога би дознале дека вештачката интелигенција во последните неколку години ги следи сите случувања во вашиот град: местата на кои се движат луѓето, сообраќајот, па дури и сето она што луѓето го пишуваат на социјалните мрежи.
Веројатно вакво нешто би предизвикало голем скандал во државите низ светот, но за граѓаните на кинескиот град Хангџоу, каде што живеат девет милиони луѓе, се чини дека не претставува проблем. Кон крајот на минатата година во овој град бил инсталиран систем наречен „мозокот на градот“, базиран на вештачка интелигенција, на чиј развој работеле „Алибаба“ и „Фокскон“.
Неговата задача е да следи сè што се случува во градот: од метеж во сообраќајот, преку криминал, па дури и активноста на луѓето на социјалните мрежи, нивното движење, користење на јавниот превоз и слично.
Овде не станува збор за надзор чија цел е шпионирање на граѓаните, туку системот бил поставен за да им го олесни „урбаниот начин на живот“ на граѓаните. Сите податоци ги обработува вештачката интелигенција, која притоа нуди решение за одредени проблеми, како метежот во сообраќајот, судир, несоодветно паркирање на автомобилот, апсење на криминалците и слично.
„Кина и Кинезите, во споредба со голем број други земји, не се толку опседнати со приватноста, така што не е преголем проблем постоењето на ваков систем што ги следи сите случувања во градот“, вели Сијан-Шенг Хуа, менаџер за развој на вештачката интелигенција во „Алибаба“.
Во текот на изминатата година „мозокот на градот“ се покажа како доста успешен: намалени се бројот на сообраќајни несреќи, криминалот и метежот бидејќи системот сам може да предвиди на кое место може да се очекува најмногу метеж, па ги приспособува семафорите.
За воведување ваков систем размислуваат и во другите градови во Кина, а со текот на времето би можел да се применува и во повеќето градови што имаат слични проблеми.
Извор: B92.net
Поврзани артикли