Одделот во Google задолжен за вештачка интелигенција, „DeepMind“, промовираше нова технологија која е способна да учи самата, без човечка помош.
Програмата со вештачка интелигенција е наречен AlphaGo Zero, и неговата цел беше да ги научи потезите на старата кинеска игра Go.
AlphaGo Zero успеа да совлада илјадници години човечко знаење за друштвената игра во само три дена, пред да почне да измислува нови потези. Ова е само подобрување на истиот програм кој пред две години успеа да го победи јужнокорејскиот велемајстор Ли Седол.
Во мечот помеѓу новата верзија и онаа од 2015 година, AlphaGo Zero успеа да победи 100 спрема 0.
Огромниот напредок, според Google, е во тоа што AlphaGo Zero успеал сам да ја совлада играта, без човечка помош. Сите останати претходни верзии најпрвин играле илјадници партии против човечки противници за да ги научат потезите, и потоа да можат да ги копираат.
„AlphaGo Zero е далеку помоќен од било која друга вештачка интелигенција, бидејќи во овој експеримент е одземен човечкиот фактор, а програмот сепак ги научи правилата на играта, па дури и измисли нови потези. Тоа значи дека е способен да учи самиот, без никаква помош“, изјави Дејвид Силвер, одговорниот за проектот.
Програмот ги научи потезите на играта на истиот начин како што луѓето учат да возат велосипед, преку систем на исправни и погрешни потези. Доколку AlphaGo Zero направеше серија од добри потези, тој ќе беше награден со победа во партијата, и обратно, доколку направеше серија од лоши потези, тој ќе ја изгубеше партијата.
Извор: Точка.мк
Поврзани артикли