Телескопот Хабл на НАСА откри дека една планета која е од порано позната е комплетно црна. Планетата е многу необична, бидејќи апсорбира 94% од светлината која паѓа на неа.

Името на планетата е WASP-12b и се наоѓа на 1.400 светлински години од Земјата. Се работи за „жежок Јупитер“ – гасовит џин кој орбитира неверојатно блиску до матичната ѕвезда. Проценките велат дека температурата на нејзината осветлена страна е околу 2,500°C (4,600°F) . На темната страна температурите се околу двојно пониски.

Со употреба на Хабл, тим од научници од Универзитетот МекГил и Универзитетот Ексетер, откри дека планетата има албедо (или рефлективност) од само 0.064, што ја прави потемна од асфалт или двојно помалку рефлективна од нашата Месечина, чие албедо е 0.12.

WASP-12b беше откриена уште во 2008 година, како орбитира околу ѕвезда налик на Сонцето во соѕвездието Кочијаш. Била проучувана повеќе пати, но сега за првпат дознаваме како изгледа.

„Не очекувавме да најдеме толку темна егзопланета“ – изјави Тејлор Бел од Универзитетот МекГил во Канада. Најголем дел од „жешките Јупитери“ рефлектираат околу 40% од светлината на својата ѕвезда.

На едната страна секогаш е ден, а на другата вечна ноќ. Бојата на планетата беше изведена од набљудување на транзитот на планетата преку ѕвездата. Тоа им овозможи на астрономите да ја мерат рефлектираната светлина од дневната страна, но набљудувањата покажаа дека скоро и да нема рефлектирана светлина. Ова значи дека дневната страна ја апсорбира целата светлина која паѓа на неа.

Причината за ова најверојатно лежи во неможноста за формирање на облаци на дневната страна. Станува толку топло, што водородните молекули се разложуваат на атомски водород, кој може да апсорбира многу голем дел од светлината.

WASP-12b орбитира само на 3.2 милиони километри од ѕвездата-домаќин, комплетирајќи ја својата орбита за само еден ден. Близината до ѕвездата ја прави планетата екстремно жешка. Ако ја видите планетата одблизу, таа ќе изгледа црвена поради температурата, слично како вжарен метал. Но, близината не влијае само на нејзината температура, туку во исто време ја растегнува и ѝ дава јајцевиден облик.

Текстот е преземан од веб-страницата на Скопско астрономско друштво Астрономија.мк