Не можете да „побегнете“ од „Гугл“ и „Фејсбук“, освен ако на сите можни начини не престанете да го користите интернетот, што денес е речиси невозможно.

Технолошките гиганти на Силиконската долина, кои со години се критикувани и од страна на корисниците и од владите на земјите низ светот бидејќи приватните податоци ги продаваат на рекламните агенции, градат профили за вас без оглед на тоа дали ги користите нивните услуги. Ако на кој било начин го користите интернетот, дури и ако на пример немате свој фејсбук-профил, сите тие податоци за пребарувања ќе стигнат во нивни раце и ќе бидат категоризирани за да им бидат продадени на огласувачите, кои потоа ги насочуваат нивните реклами кон вас со оглед на вашите навики и движења.

Бидејќи голем дел од веб-страниците користат „Гугл аналитикс“ за да ги анализираат податоците за читаноста, секој ваш клик на некоја страница ќе стигне и до „Гугл“, а оттаму до доминантната мрежа за огласи. И двете услуги собираат податоци за корисниците на интернет без корисниците да се свесни, а потоа ги испраќаат назад до „Гугл“.

Исто така, двете компании купија многу платформи од нивната конкуренција, па така „Вацап“ е на „Фејсбук“, додека „Јутјуб“ е на „Гугл“, а секојпат кога на некоја веб-страница ќе го видете знакот „лајк“ во некоја форма, бидете сигурни дека „Фејсбук“ се наоѓа на оваа страница.

Можете да изберете да не ги користите овие платформи, меѓутоа, тие веќе ја фрлија својата „мрежа“ преку целиот интернет.