Компанијата Facebook планира да ангажира 1.000 лица, кои ќе ги проверуваат рекламите што се објавуваат на социјалната мрежа.

Потегот е одговор на критиките со кои се соочи Facebook од страна на американската Демократска партија дека со отстапување простор за реклами и новинарски текстови од Русија се влијаело на изборниот пораз на демократскиот кандидат Хилари Клинтон на ланските избори.

Facebook соопшти дека освен ангажманот на 1.000 лица за контрола на рекламите, во иднина за таа цел ќе бидат вработени уште неколку илјади лица, а ќе развие и софтвер кој автоматски ќе ја проверува содржината на спонзорираните коментари и вести кои ги објавуваат милиони од корисниците.

Во рамките на истрагата што ја врши Комисија на американскиот Конгрес, Facebook информираше дека за време на минатогодишните избори биле објавени 3.000 реклами со политичка содржина порачани од клиенти во Русија, кои влијаеле врз американски гласачи.

Освен проверката на политичките материјали, Facebook ќе внимава и да не се објавуваат акти на насилство, убиства и самоубиства, коментари кои промовираат расна дискриминација или продажба на илегални супстанци.