Изработката на студија за влијанието на пиратеријата врз продажбите во областа на музиката, кинематографијата, литературата и видеоигрите ја чинела Европската комисија 360.000 евра. Сепак, ЕУ никогаш јавно не ги објавила резултатите од спроведеното истражување бидејќи тие не обезбедиле доволно докази дека пиратеријата е голем проблем.
Истражувањето било спроведено од страна на холандската компанија „Екори“, која во мај 2015 годинина објавила извештај на 304 страници.
Во него стои заклучок дека резултатите не обезбедуваат силни статистички докази за негативно влијание на пиратеријата врз продажбата и авторските права.
„Ова не значи дека пиратеријата нема никаков ефект, туку дека статистичката анализа не дава доволно докази за постоење на тој ефект“, се вели во извештајот.
Студијата дури покажала дека нелегалното преземање и стриминг на видеоигри всушност може да ја забрза нивната легална продажба.
Единственото негативно влијание на пиратеријата било забележано кај најпопуларните блокбастер филмови. На секои 10 илегално изгледани филмови, се продавале четири легални копии.
Оваа студија на виделина излезе неодамна, благодарение на Јулиа Реда, членка на Европскиот парламент во кој ја претставува германската „Пиратска партија“. Таа објави копија од извештајот на нејзиниот приватен блог откако успеала да стигне до него благодарение на законот за информации од јавен карактер во ЕУ.
Европската организација за дигитални права во својот блог пост тврди дека целосната содржина на извештајот била намерно прикривана, укажувајќи на академската студија „Movie, Piracy and Displaced Sales in Europe” од 2016 година, која ја спровеле двајца официјални претставници на Комисијата. Имено, во студијата се споменува само делот од истражувањето на компанијата „Екори“ кој се однесува на популарните филмови, додека другите заклучоци се изоставени, пренесува „Гизмодо“.
Извор: Newsroom.mk