Она што на прв поглед изгледало како голем плус за новиот iOS 11, сега би можело да создава проблеми во поглед на сигурноста и функционалноста на уредот: Bluetooth и WiFi конекциите.

Кај iOS 11, Apple им дозволува на корисниците да ја исклучат Bluetooth или WiFi конекцијата во рамки на Control Center-от, но приемниците во внатрешноста на уредот и понатаму продолжуваат да работат. Од компанијата велат дека тоа е неопходно поради опциите како што се AirDrop или Handoff или поради одредување на геолокацијата и поврзаноста со паметниот часовник на Apple.

Иако ова донекаде е паметен потег, со оглед на тоа што сега е невозможно корисникот случајно да го исклучи својот Apple Watch и низа други корисни функции, се отвора прашањето за непотребните сигурносни ризици. Андреа Барисани, кој го открил овој проблем кога се појави iOS 11, вели дека можноста од исклучување на Bluetooth или WiFi конекциите е пожелна опција доколку корисникот е загрижен за сигурноста на податоците кои се наоѓаат на уредот.

Со цел да ги исклучи овие опции, корисникот мора да ги менува поставките за секоја опција и со тоа потполно да ги исклучи. Во случајот на Apple, кој се гордее со едноставноста и пристапноста на функциите и дизајнот, оваа опција би можела да ги измами корисниците дека Bluetooth и WiFi опциите се исклучени, кога тие всушност не се.

Извор: Точка