Борис Ефтимовски, сопственик на специјализираниот портал „Маркетинг365“ и професионалец од областа на маркетингот и односи со јавноста, е избран за нов Претседател на ИАБ Македонија, здружението чија основна цел е развој и унапредување на дигиталниот адвертајзинг пазар.
Ефтимовски на позицијата доаѓа на местото на Игор Поповски од „ЦрноБело Медиа“ кој го предводеше здружението во изминатата година. За нов потпретседател е избран Дарко Лазаревски од „Кајгана Медиа“, а за генерален секретар на здружението реизбран е Никола Анчевски од агенцијата „Ovation“.
На изборното собрание кое минатата недела се оддржа во „Public Room“ во Скопје, собранието на ИАБ Македонија избра и нов извршен и надзорен одбор.
Новиот извршен одбор, покрај Претседателот Борис Ефтимовски, ќе го сочинуваат и: Дарко Лазаревски (Кајгана Медиа), Никола Анчевски (Ovation), Ира Бабиќ (Бренд Јунион), Дамјан Дано (IT.mk / ИВМ Нетворк), Ненад Ристовски (PublicisOne Македонија), Мери Шешо (Меккен Скопје), Сашка Николова (Медиа План) и Игор Поповски (ЦрноБело Медиа).
За членови на Надзорен одбор се избрани претставници од агенциите Хттпоол, Дирецт Медиа и Универзал Медиа.
Здружението за интерактивно огласување ИАБ Македонија е формирано во 2012 година од страна на најголемите македонски дигитални медиуми, маркетинг агенции и огласувачи, и фукнционира под лиценца на американскиот IAB со седиште во Њујорк.
Некои од главните цели и активности на здружението се: промоција на индустријата и запознавање на јавноста со можностите и бенефитите од огласувањето на интернет; организација на семинари, трибини, конференции со теми од областа на дигитални медиуми; дефинирање на стандарди за огласување на интернет, како и справување со проблемите кои произлегуваат од индустријата.