Facebook има ефикасно решение за корисниците и страниците со кои не сакате да комуницирате и не сакате повеќе да ве контактираат преку оваа мрежа – таквите лица и страници едноставно можете да ги блокирате и повеќе нема да имате проблеми со нив. Но, ако на Facebook го следите Марк Цукерберг или неговата сопруга Присила Кан и од некоја причина сакате да ги блокирате (иако секако е доволно да престанете да ги следите ако не сакате да ги гледате нивните објави), тоа нема да биде можно.
За неможноста за блокирање на Цукерберг на социјалната мрежа која ја создаде се говореше уште на почетокот на годината кога дел од корисниците забележа дека неговата сметка е имуна на блокирање, а од неодамна не можете да блокирате ниту Присила. Кога ќе кликнете „блокирај“ најпрво ќе ви се појави стандардно известување во кое се бара потврда на блокирањето, а со клик на оваа потврда ќе се прикаже известување дека овој профил моментно не може да се блокира.
Ако сепак сакате да блокирате некој од семејството Цукерберг, и натаму можете да ја блокирате сестрата на Марк, Ренди, која на Facebook има сопствена страница со, верувале или не, повеќе од 2,7 милиони следбеници.
Иако некој би помислил дека станува збор за егото на Марк Цукерберг која ја искористил својата ситуација на извршен директор и го забранил своето блокирање, од компанијата велат дека неможноста на блокирањето нема врска со самиот Цукерберг, односно со некој посебен профил или страница, туку на Facebook не можат да се блокираат корисниците кои досега биле блокирани од голем број луѓе. Се работи за грешка поврзана со начинот на кој е кодирано блокирањето во рамките на Facebook и нема врска со намерно спречување на блокирање на луѓе и страници, одговорија од компанијата на прашањето на новинарот на The Guardian.