Научници од Технолошкиот институт во Калифорнија изработиле нов вид на робот кој може да лета, при што како инспирација им служеле акробатските способности на лилјаците.
– Таквиот робот еден ден ќе доставува пакети или ќе прегледува региони погодени од природни катастрофи, тврдат научниците творци на роботот.
Тие потсетуваат дека лилјаците имаат најсофистицирани крилја во животинскиот свет, во кои се наоѓаат околу 40 зглобови што им овозможуваат исклучителна подвижност за време на летот.
– Секогаш се воодушевувам кога ќе видам лилјаци како се превртуваат во воздухот или како нагло свртуваат кога фаќаат плен, изјави инженерот по роботика Сун-Јо Чунг, кој еден од творците на роботот.
Во минатото научниците изработуваа роботи кои личеа на инсекти или птици, а кога се обидувале да направат робот што имитира лилјаци, доживуваа неуспех поради големиот број на зглобови во крилјата.
Меѓутоа, Чунг и неговите колеги успеале да направат робот под името „Бет Бот” или Б2, кој може да лета и да се врти како лилјак, бидејќи откриле кои компоненти се клучни за работа на нивните крилја, а тоа се зглобовите во рамената и лактот. Б2 има тенки еластични крилја за разлика од претходните модели, чии крилја биле крути.
– За време на летот, флексибилните крилја се полнат со воздух и кога се враќаат на место го исфрлуваат воздухот, што им овозможува дополнително подигнување, објасни инжинерот по роботика и еден од авторите на студијата Сет Хатчинсон.
Зглобовите во крилјата се изработени од 3Д пластика и прекриени со мека, тенка и трајна кожа од силикон. Роботот има 93 грама и распон на крилјата од 47 сантиметри. За време на пробниот лет можел да лета со брзина 5,6 метри во секунда.
Научниците сметаат дека е побезбеден за употреба од комерцијалните дронови поради мекоста на крилата и малата тежина. Ако се залетаат кон луѓе или некои други објекти, не би предизвикале речиси никаква штета за разлика од дроновите.
Поврзани артикли