Иновативното решение на компанијата „Некстсенс ДОО“ е избрано како прворангирано на Јавниот повик за финансирање на проект за изработка на информациски систем за управување во областа на патничкиот и товарниот сообраќа, финансирано од Фонд за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за транспорт и врски.

Проектот ќе трае девет месеци, а износот на доделениот грант од страна на Фондот изнесува околу 4,5 милиони денари.

Одлуката ја донесе Комисијата за избор, составена од Иван Чорбев, претставник од ФИНКИ, Драган Јовев, претставник од Министерството за транспорт и врски, Никола Николов, претставник од Министерството за информатичко општетство и администрација, Александра Чавдаревска, претставник од МАСИТ и Тања Илијевска претставник од Фондот за иновации и технолошки развој.

„Проекот „ПристАпп Информациски систем за управување во областа на патничниот и товарниот сообраќај“ ќе овозможи стандардизација и дигитализација на секторите поврзани со превоз на стока и патници. Целта на новото софтверско решение е да обезбеди поефикасен и потранспарентен процес на издавање на различни видови на дозволи и документи за да се зголеми ефикасноста и работата на Министерството за транспорт и врски и да се понудат поквалитетни услуги во секторот транспорт. Новиот систем ги опфаќа сите фази од постапката од електронското аплицирање во патничкиот линиски превоз, како и транспортот на стока, предвидени со Законот за превоз во патничкиот сообраќај, управување на постапките за одобрување решенија, па сѐ до издавање на лиценците и дозволите“, образложи Фондот за иновации и додаде дека истовремено, со ова системско решение трошоците за изработка на новиот софтвер и негово одржување ќе се намалат за 52 проценти во однос на системот кој досега се применува.

Од Фондот велат дека овој систем исто така ќе овозможи интеграција, стандардизација на податоци и процеси и зголемена комуникација меѓу инволвираните страни со цел да се постигне високо ниво на соработка и размена на податоци со останати системи од други институции. Системот ќе биде дел од националната платформа на интероперабилност. Дополнително, додаваат, како дел од ова решение ќе се создаде и Централен регистар на транспортери со информации за сите типови на транспортни компании, според нивните податоци и дејноста.