Новинарката Ливија Гершон од Би-би-си во еден напис неодамна ги објави резултатите од своето истражување на тема во кои работи роботите, односно машините, нема да можат да ја заменат човечката работна сила.
„Технологиите како вештачката интелигенција и обработката на податоци го менуваат деловниот свет и опкружувањето. Во САД исчезнуваат работни места во малопродажба, бидејќи луѓето се заменуваат со роботи. Во Кина, некогаш ниско платените работи во производството сега ги извршуваат роботи. Студиите покажаа дека во моментов во Америка 40 проценти од работните места се „загрозени“ од автоматизацијата, како и две третини од работните места во земјите во развој.
Сепак, на еден дел од работните места луѓето сè уште се незаменливи: оние каде што се неопходни емоционални вештини. Иако веќе се создадени машини кои ги препознаваат емоциите на човечките лица и гласовните експресии, тие сè уште се далеку од симулирање вистинска емпатија, а со векови се дебатира на тема дали воопшто е можно да се креираат машини со вистински човечки емоции.
Доколку тие работни места не би можеле да се автоматизираат, ќе се јави огромна побарувачка на работници со такви вештини. Но, засега, тие видови работни места се пониско вреднувани и пониско платени: анкетите покажале дека социјалните работници и професорите во средните училишта се меѓу најниско платените професии“.
Предностите на емоционалните вештини
„Емоционалните вештини ги вклучуваат сите способности поради кои можеме да ги препознаеме и соодветно да одговориме на емоционалните состојби кај себе и кај другите. Тие се сеприсутен, а истовремено и невидлив дел од многубројни и разновидни работни места, од работа на благајна до пронаоѓање нови клиенти во продажбата.
Со роботизацијата, која сè повеќе се шири, успешната соработка со другите ќе стане клучна за успешност во работата.
Ревизијата на Светската банка од 2016 година покажа дека 79 проценти од вработените ги рангираат социоекономските вештини – како искреноста или способноста за тимска работа, како најважни.
Емоционалните вештини се особено важни во здравството, каде што постои зголемена побарувачка за работници поради зголемувањето на светското население и ширењето на болести. Тука припаѓаат високо образованите лекари и техничари на кои работата со пациенти им е поврзана и со технички вештини, како и работниците на кои главна задача им е давање помош, поткрепа и комуникација со пациентите.
Образованието е уште едно подрачје кое бара човечки ангажман со цел да се мотивираат учениците, да се забележат проблемите во нивниот развој, како и да им се развијат социјални вештини. Истото важи и при образованието на возрасни лица. Големите онлајн-курсеви кои би требало да го унапредуваат образованието се покажуваат како неуспешни затоа што само 4 до 15 проценти од учесниците ги завршуваат, а уште помал процент завршуваат курсеви во посиромашните заедници. Од друга страна, на факултетите каде што работат „топли“ лица, кои имаат разбирање и ги поттикнуваат студентите, стапката на дипломирање е многу повисока“.
„Проблемот е во тоа што квалитетниот социјален работник или специјализираните предавачи се прескапи и недостапни за голем број луѓе. Големите здравствени и образовни системи примаат големи субвенции од владини извори, особено во САД, а основните и јавните училишта главно се финансираат од јавноста.
Како што расти глобалното население, на кое му е потребна квалитетна здравствена грижа и образование за сопствен напредок, потребно е и повисоко вложување во емоционално вешти работници“, заклучува Гершон.
Извор: Факултети.мк
Поврзани артикли