Ричард Ју, шефот на одделот за потрошувачка електроника во Huawei соопшти дека Mate 10 ќе биде помоќен уред од новиот iPhone. Тој во кратка изјава најави дека Mate 10 ќе биде смартфон со многу подолго траење на батеријата од својот претходник, “full screen”, односно дисплеј со многу мала рамка околу него (фотографијата погоре е само рендер, односно не е од вистинскиот уред), како и неговите главни конкуренти, уште побрзо полнење на батеријата, подобра фотографија и многу други можности кои ќе го направат конкурентен на Apple. Да, тој во најавата не го спомнува Samsung, но нека не ве залажува тоа – Huawei корејскиот конкурент го гледа како најголем противник на пазарот.
Изјавата на Ричард Ју не е случајна. Во време кога сме преплавени со вести за iPhone 8, дури и мало присуство на еден продукт на Huawei може многу да значи на пазарот.
Huawei е третата најголема мобилна компанија, која веќе им дише во врат на Samsung и Apple. Минатата година го објавија и долгорочниот план за преземање на првото место во светот на мобилниот пазар. Доказ за тоа дека е во добар правец, е резултатот од 36% раст во првата половина од годината на Huawei во одделот на потрошувачка електроника, кој вклучува смартфони, смартчасовници, таблети и слични уреди.